Електронските цигари можат да влијаат на кардиоваскуларниот систем

Нова студија упатува на промените што настануваат во функционирањето на кардиоваскуларниот систем по пушење електронски цигари, дури и ако тие не содржат никотин.

Во студијата објавена во списанието „Радиолоџи“ се наведува дека пушењето електронски цигари привремено влијае врз функционирањето на крвните садови кај здравите лица. Со помош на магнетна резонанција, на пример, откриени се промени во крвниот тек на бедрените артерии по пушењето само една електронска цигара.

Експертите не можеле да одредат која хемикалија ги поттикнала уочените промени.

Резултати од студијата

– По неколку минути сè се враќа во нормала. Некој може да каже: „голема работа, ништо не се случува“. Но, ако некој редовно пуши е-цигари, постои можност по одредено време нештата да не се враќаат во нормала толку брзо и тие можат да доведат до развој на кардиоваскуларни болести, вклучувајќи ја тука и атеросклерозата. Сепак, за такво нешто треба да се користат електронски цигари со години – истакнува Феликс Верли, автор на студијата и професор по радиологија и биофизика на медицинската школа „Перелман“ при Универзитетот во Пенсилванија.

Ова е последната од низата студии чија цел е да се мери влијанието на електронските цигари врз срцето, крвните садови, белите дробови и мозокот. Покрај тоа, станува збор за научно истражување кое сè уште е во почетна фаза и првенствено се прави во лабораторија или врз животни.

Една студија во мај, на пример, докажа дека зајакнувачите на вкус во е-цигарите може да имаат токсични ефекти.

– Употребата на е-цигарите е во пораст, а истовремено имаме сè повеќе докази за нивната потенцијална штетност. Покрај штетноста на никотинот, адитивите во е-цигарите исто така може да бидат причинители на кардиоваскуларни болести кај младите, кои сè повеќе ги консумираат – велат лекарите од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Масачусетс.
Истражувањето се уште е во почетна фаза

Иако експертите долго време претпоставуваа дека пушењето е-цигари е помалку опасно за здравјето од пушењето класични цигари, лекарите предупредуваат дека сè уште се знае премалку за потенцијалната токсичност на зајакнувачите на вкус, честичките, тешките метали и другите состојки на е-цигарите.

– Никој не знае како влијае врз белите дробови постојаното вдишување и издишување на аеросолизираниот пропиленски гликол и глицерин. Искрено, сè уште сме во фаза на експеримент и резултатите ќе ги знаеме дури по неколку години. Сè уште не знаеме какво влијание може да имаат хемикалиите од електронските цигари врз белите дробови по честото консумирање. Нема сомнеж дека пушењето електронски цигари е помалку штетно од класичното пушење, но тоа не значи дека не е опасно за здравјето на луѓето – истакна доктор Роберт Џеклер.

Извор: Index.hr