На паркинзите владеат посебни услови – луѓето ненадејно се „појавуваат“, се движат по средина на паркинзите, автомобилите возат во обратен правец или во погрешна насока, а сето тоа само ги збунува сензорите на автономните возила.
Автономните автомобили на Waymo имаат поминато милиони километри низ САД, без поголеми инциденти или сериозни несреќи, а технологијата и алгоритмот развиен со текот на годините во лабораториите на компанијата се покажаа (барем до сега) како одлични. Но, и покрај фактот дека нивните автомобили се одлични на патиштата и се придржуваат кон сообраќајните правила подобро од повеќето возачи, сè уште има ситуации со кои тешко се справуваат и за кои им треба посебна „обука“.
На пример, како да се постапи ако полицијата запре автомобил без возач, што да се стори ако приближува амбулантно возило или возило на пожарна со вклучена сирена, а особен предизвик за компјутерите е движењето на големи паркинзи. На овие места важат некои други правила затоа што не е невообичаено возачите да возат во погрешна насока за да стигнат до слободно место, пешаците да шетаат насекаде затоа што нема тротоари, на паркинзите во трговските центри буткаат количка или носат голем товар, поради што сензорите и компјутерите тешко можат да ги препознаат како пешаци…
За да ги подготват своите автономни возила за вакви ситуации, Waymo на полигонот на поранешна војна база во Калифорнија ги „тренира“ своите автомобили за голем број на ситуации кои може да се појават на паркинзите. На полигонот се поставени тестни паркиралишта полни со автомобили, на кои за време на тестирањата се наоѓаат и пешаци од кои некои буткаат количка, некои се движат по средина и слично, а некои возила се движат наназад или во погрешна насока. Сето ова е крајно комплицирано и предизвикувачко за сензорите поставени на автомобилот, вели Стефани Вилегас, која го води одделот надлежен за тестирање во вакви ситуации.
На полигоните, автомобилите се изложени на голем број на вообичаени и невообичаени ситуации со кои може да се сретнат на паркинзите – инженерите потоа го проучуваат однесувањето на автомобилот во вакви ситуации и, доколку е потребно, го модифицираат и надградуваат софтверот за да реагира различно, или посигурно, во иста или слична ситуација.
Особено внимание се посветува на ситуациите како што се приближување кон местата во кои се поставени колички за пазарење – од зад нив често може да скокнат пешаци кои не внимаваат, а кои автомобилите не можат да ги забележат навреме, па затоа при приближување кон ваквите контејнери возилата треба полека да се движат за компјутерите да одговорат навреме и да го запрат автомобилот.
Снаоѓањето на паркинзите е само уште една во низата ситуации што автономните автомобили треба да ги надминат пред масовно да почнат да сообраќаат на патиштата и еднаш, во некоја далечна иднина, целосно да ги заменат луѓето зад воланот.
Извор: Zimo.hr