Претседателот Доналд Трамп сака да го купи Гренланд. За ваквата намера тој во повеќе наврати контактирал со данската влада, а ваквата можност ја разгледувале и советниците во Белата куќа, изјавија два извори за Си-ен-ен.
Интересот на Трамп за купување на Гренланд за првпат го објави „Волстрит журнал“. Весникот објави дека луѓето запознаени со разговорите изјавиле дека претседателот го поставил прашањето за време на состаноци и вечера, прашувајќи помошници и слушајќи сериозни совети за можноста и придобивките од поседувањето на Гренланд. Тој, исто така, побарал мислење и од Советот на Белата куќа да ја истражи оваа работа.
Според медиумите, соработниците на Трамп се поделени по ова прашање, при што некои ја пофалиле идејата како солидна економска стратегија, а други ја отфрлиле.
Гренланд, автономна данска територија, е дом на воздушната база Туле, најсеверната база на американската војска, лоцирана на околу 750 милји над Арктичкиот Круг и е изградена во 1951 година. Таа поседува балистички ракетен систем за рано предупредување кој може да предупредува за приближување на интерконтинентални балистички ракети и достигнува илјадници милји до руската територија.
Обидот на Трамп не би бил првиот американски напор за купување на Гренланд. САД наводно се обиделе да го купат Гренланд во 1946 година, а во 1867 година државниот секретар Вилијам Сивард покажал интерес за купување на островот.
Данска стаписана од ненадејниот интерес на Трамп за купување на Гренланд
Данските политичари ги сметаат извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп покажува интерес за купување на Гренланд – автономна данска територија – за незамислива шега, напишаа поранешни членови на данската влада на своите официјални страници на „Твитер“, пренесува ТАСС.
„Мора да е првоаприлска шега, но во сосем погрешно време!“ напиша поранешниот премиер Ларс Локе Расмусен.
„Трамп го купува Гренланд? Се надевам ова е шега зашто во спротивно е ужасна мисла што носи ризик од милитаризација на Гренланд и помала независност за неговите граѓани покрај големата загуба за Данска“, истакна поранешниот шеф на дипломатија, Мартин Лигедар.
Властите во Копенхаген го сметаат овој проект за неразумен и незводлив.
„Ако е точно дека тој (Доналд Трамп) работи на оваа идеја, ова е конечен доказ дека полудел. Би рекол дека самата идеја дека Данска да може да им продаде 50. 000 свои државјани на САД е апсолутно луда“, изјави Сорен Есперсен, пратеник на десничарската Данска народна партија, за весникот „Јиландс постен“.
Поврзани артикли