Snap ги претстави Spectacles 3 со освежен дизајн и втора HD камера

Snap продолжува да ја развива својата серија очила со камера наречена Spectacles, иако тие не се посебно комерцијално успешни. Третото издание веројатно нема значително да ја зголеми продажбата, бидејќи цената на Spectacles 3 од 380 долари е повеќе од двојно поголема од нивниот претходник (150 долари).

Новиот модел има челична рамка и освежен дизајн кој изгледа многу постилски од претходните обиди и сега е опремен со две HD камери за снимање на 3D видео и додавање на познати ефекти со Snapchat додадена реалност.

Корисниците можат да додаваат 3D филтри или да креираат псевдо 3D фотографии, а видеото сега може да се снима во должина од 1 минута, наместо 10 секунди во претходните модели.

Полнењето повторно се случува преку футролата за складирање која може да обезбеди уште 4 полнења и станува рамна, со што зазема помалку простор. Инаку, едно полнење може да издржи до 70 видеа и над 200 фотографии, а 4 GB внатрешна меморија може да зачува до 100 видеа или 1.200 фотки.

Продажбата на Spectacles 3 ќе почне наесен, но уште сега може да се нарача преку веб-страницата на Snap. Компанијата ги опишува како полимитирано издание во однос на претходно, што не изненадува со оглед на цената.