Влијателен републикански законодавец од комитетот за внатрешна безбедност при Домот на преставниците во американскиот Конгрес бара повеќе детали од морнарицата за неодамнешните извештаи околу забележувањата на НЛО, пишува Politico.

Конгресменот Марк Вокер од Северна Каролина сака да знае и какви ресурси се користени за да се испитаат мистериозните видувања и дали „постојат физички докази или друг начин“ за нивно докажување.

„Врз основа на сведоштвата на пилотите за средбите со овие НЛО, честопати се споменуваат сложени модели на летање и напредно маневрирање, кои бараат екстремен напредок во квантната механика, нуклеарната наука, електромагнетиката и термодинамиката“, му пишал Вокер на секретарот на американската морнарицата Ричард Спенсер, во писмо кон средината на јули.

„Ако сведошвата се вистинити, тогаш неидентификуваните летала би можеле да претставуваат сериозен безбедносен ризик за нашиот воен персонал и одбранбен апарат“, порачал Вокер.