Facebook соопшти дека откриле како лица поврзани со саудиските власти ја користат оваа платформа за ширење пропаганда преку лажни профили, јавува BBC.

Компанијата соопшти дека операцијата главно била насочена кон Блискиот исток и Северна Африка, и дека голем дел од содржината била на арапски.

Отстранети се повеќе од 350 профили и страници. Исто така е важно да се напомене дека ова претставува ретка ситуација кога ИТ гигантот ги поврзува своите активности со одредени светски влади. Саудиска Арабија сè уште не излезе со коментар за наводите на компанијата.

Facebook појасни дека направиле конкретни потези оваа недела за да се справат со „координираното неовластено однесување“ на својата платформа и на Instagram, кој исто така е во сопственост на компанијата.