Motorola на почетокот на 2000-те ја претстави линијата паметни телефони RAZR. Да потсетиме, се работеше за преклопни телефони, во тоа време со футуристички дизајн, кои имаа по два екрана, еден поголем внатрешен и еден помал од надворешната страна на уредот.

Првиот таков смартфон се најде на пазарот кон средината на 2004. година (V3), а последниот во 2007. година, кога пристигна новата линија Razr 2. Отприлика во тоа време се појави и првиот iPhone, кој значајно го промени дизајнот и начинот на користење на смартфониоте, па RAZR линијата наскоро замина во заборав.

Но, кога во текот на 2018. година почнаа да се појавуваат првите телефони со свитливи екрани, Motorola одлучи дека е време да ја обнови и RAZR линијата. Овие денови на интернет се појавија и првите скици, кои ни откриваат како би можел да изгледа Motorola RAZR 2019. Изворот наведува дека скиците се од патент што и е одобрен на Motorola.

Според скиците, видливо е дека Motorola ќе го задржи препознатливиот дизајн со неопходно додавање на новите технологии. На тој начин, на пример од предната страна и натаму ќе постои помал дисплеј кој ќе служи за приказ на времето и известувањата. Камерата, исто така, ќе биде дел од предната страна на куќиштето, додека од задната страна ќе се наоѓа нешто налик на читач на отпечатоци од прсти и логото на Motorola.

Најголемата промена ќе се случи од внатрешната страна на куќиштето, каде што наместо физичка тастатура ќе се наоѓа флексибилен OLED екран. Судејќи според скиците, екранот од горната страна ќе има помал засек, за да се направи доволно место за слушалката, а без дополнително зголемување на димензиите на уредот.