Аргентинските научници најавија дека ќе почнат да одгледуваат салати и билки на истражувачката станица на Антарктикот. Овој проект беше инициран од истражувачите на Националниот агротехнолошки институт (INTA) и Националниот универзитет на Патагонија.

За таа цел ќе биде инсталиран шестметарски морски контејнер на станицата Марамбио на Антарктикот. Научниците ќе воспостават посебен систем за собирање и следење на податоците.

„Во моментов ќе се одгледуваат репки, зелена салата, магдонос, босилек и уште некои видови салати и зелјести растенија. Покрај тоа, ја разгледуваме можноста за вклучување на некои ароматични супстанци, како што е коријандерот“, вели Хорхе Бирги, специјалист за произведување на храна во посебни услови.

Според експертите, свежиот зеленчук ја диверзифицира исхраната на војската и научниците кои работат во базата.