Европската Комисија најави дека онлајн платформата за сместување Airbnb  по неколку месеци преговори со европските власти, ќе воведе промени во својата понуда со што потрошувачите треба да бидат подобро заштитени, во согласност со правилата на ЕУ.

Од сега, соопшти ЕК понудата на веб сајтот на Airbnb ќе биде презентирана на појасен начин, согласно стандардите на ЕУ за заштита на потрошувачите.

Конкретно тоа значи дека при пребарувањето за сместување на сајтот корисниците ќе ја добиваат целосната цена во резултатите вклучувајќи ги сите дополнителни трошоци, наместо како до сега кога на самиот крај на резервацијата корисникот се запознаваше со тарифите за чистење и локалните такси.

Понатаму, компанијата ќе мора јасно да информира дали сместувањето е приватно или професионално, а се воведува и линк до платформа за решавање на спорови онлајн на кој ќе бидат содржани сите потребни информации.

Освен тоа, Airbnb ги ревидира и условите на користење во кои јасно ќе биде прецизирано дека корисниците имаат право да отворат судски процес против компанијата во земјата во која живеат, дека корисниците имаат право да тужат во случај на било каков вид на штета, лична или материјална, додека пак домаќинот се обврзува да не ги менува условите на резервациите унилатерално.

Овие промени на платформата Airbnb доаѓаат по месеци преговори со европските власти, кои сметаат дека потрошувачите на ЕУ не уживаат доволен степен на заштита како што предвидуваат европските стандарди и правила.

-Ова лето, Европејците едноставно ќе го добијат тоа што го гледаат кога резервираат за одмор. Сега потрошувачите ќе можат да имаат доверба дека цената што ја гледаат на првата страница ќе биде истата цена на крајот, изјави еврокомесарката за правда и потрошувачи, Вера Јурова.

Таа додаде дека е задоволна што Airbnb покажа подготвеност за соработка со ЕУ и очекува од другите платформи да го следат истиот пример.