Во духот на слободоумноста, урбаната музика и друштво, како и невообичаени доживувања што дополнително ја збогатија приказната, заврши уште еден успешен настан од Neuland платформата која последниве три години нуди вистински уживања за сите сетила.
Neuland Mysterium што се одржа во Ragusa 360 Rooftop ги сплоти сите оние што бараат вистинска забава исполнета со уникатни содржини и разновидни музички перформанси.
Преку 600 гости се препуштија во “мистериозното патување” – Neuland Mysterium кое започна со врвен перкусионистички перформанс на мулти инструменталистот AVP – Антоние Весковски кој со својот перформанс направи фузија помеѓу електронската и авангардната музика, продолжи со целовечерен DJ сет на Herzel во соработка со Петар Џон кој беше задолжен за 3D визуелизација пропратена од страна на “А/V dance performance”, како и невообичаен елегантен “épée performance” на Малакамила кој внесе еден сосема поинаков карактер за целокупното времетраење на настанот. Сето ова беше искомбинирано со ултра модерна биомолекуларна храна и коктели со течен азот во екот на убавата летна ноќ.
Урбаните уметници, кои придонесоа во убавините на скопскиот ноќен живот, своите соработки со Neuland ги опишаа како перфектно синхронизирани, несекојдневни, позитивни и целосно организирани согласно потребите на познатата платформа.
“Neuland како и секогаш ја направи најдобрата журка во градот, а со настанот Mysterium даде една нова урбана енергија на Скопје. На овој настан, јас го претставив мојот најнов проект AVP – Ethernal to North кој е една нова перспектива на електронската музика и верувам сите што беа таму уживаа и убаво се забавуваа. Соработката со тимот на Neuland, Бојана Блажевска и Кристијан Михајловски, беше како и самиот настан, опуштен со многу насмеани и позитивни луѓе. На сите им препорачувам.. дојдете на наредна Neuland забава за да се видиме, да си поминеме исто така убаво како на Mysterium и секако да ја поддржите новата музика која се креира, и сите нас креаторите “виновници” за добрите забави и јакиот грув.” – Антоние Весковски го сподели своето богато искуство како уметникот кој ја отвори забавата.
“Задоволен сум од целокупната изведба на тимот со кој го сработивме овој аудио-визуелен и танц перформанс. Иако имаше премногу работа од технички аспект, сите учесници беа перфектно синхронизирани и дадоа максимум од себе. Награда е целата реакција на публиката, како таму на самиот настан, така и по настанот. Постојано добиваме добри коментари и реакции.”, ни раскажа Александар Гроздановски, или DJ Herzel.
Сандра Камилоска, односно Малакамила дизајн, за својот перформанс вели: “Секоја нова соработка со Neuland искрено ме радува, изградивме меѓусебна доверба, со задоволство придонесувам и учествувам на нивните настани, а и тие даваат неизмерна поддршка на моите. Споделуваме иста визија за креирање на несекојдневни настани. Во четвртокот приредивме токму такво – ново искуство за скопјани, преку тематски моден перформанс, комплетно осмислен и дизајниран за потребите на настанот. Процесот на создавање беше макотрпен, но задоволството да го гледате крајниот производ, е непроценливо.”
Neuland ноќите континуирано внесуваат сосема поинаков пристап на вечерното излегување, концертите и културните настани, нудејќи иновативна интерактивност и креативност во една нова димензија исполнета со бои, звуци и доживувања.