Кинеските граничари инсталирале шпионски софтвери на телефоните на туристите кои влегле во земјата на одредени гранични премини во регионот Ксинјианг, објави The Verge.
За инцидентот со спајвер апликациите објавија и The Guardian, New York Times, Motherboard и други угледни светски медиуми.
Граничните агенти барале од туристите да ги предадат своите телефони и лозинки пред влезот во државата. Потоа ги земале телфоните и повторно ги враќале.
Скенирани биле содржините на iPhone уредите, а биле инсталирани и спајвер апликации на уредите со оперативниот систем Android.
Апликацијата наречена BXAQ или Fēng cǎi собира телефонски контакти, текстуални пораки, календарски внесови, апликации на телефонот и кориснички имиња кои се користат во некои апликации, а потоа овие податоци ги пренесува.
Би требало апликацијата да биде избришана по завршувањето на прегледувањето на телефонот. Но, се чини дека пограничните агенти во некои случаи заборавиле тоа да го направат, што доведе до откривање на инцидентот.
Познато е дека Кина спроведува интензивен надзор над муслиманските етнички малцинства кои живеат на подрачјето на Ксинјианг.
Кинеските власти не одговориле на инцидентот со надзорот на странските туристи.