Адам Мосери, директорот на Instagram, во разговор за американската телевизија CBS, изјави дека Instagram не ги шпионира приватните разговори на корисниците за подоцна да им испраќа реклами со цел.
„Не ги гледаме вашите пораки, ниту ги слушаме вашите разговори. Би било исклучително проблематично тоа да го правиме. Меѓутоа, свесен сум дека тоа е тешко за верување“, вели Мосери.
Директорот на Instagram одговори на тоа прашање бидејќи на корисниците им се појавиле реклами за одредени производи спомнати претходно во нивни приватни разговори. Прашањето за доверливост на податоците на корисниците на социјалните мрежи е едно од најчувствителните со кои се соочува Facebook по скандалот во 2018 година, со истекувањето податоци преземени од компанијата Cambridge Analytica.
Мосери обрна внимание и на технологијата за правење наместени и многу реалистични видео снимки на кои на некои познати личности во уста можат да им се стават изјави кои никогаш не ги дале.
Тој вид снимки ги нарече како длабоко лажни (deepfake).