Одделот за истражување и развој на кинеската компанија Huawei, Futurewei, почнува одделување на дејноста од компанијата-мајка, откако во мај САД го ставија технолошкиот гигант на „црната листа“, информираат извори за американски медиуми.
Одделот Futurewei им забранил на вработени на Huawei да влезат во канцелариите, ги префрлил своите вработени на нов информациски систем и им забранил да го користат името или логото на Huawei во комуникацијата. Сепак, кинеската компанија ќе продолжи да го поседува својот дел.
Поделбата на дејноста следува откако многу американски универзитети ги прекинаа своите партнерства со Huawei, како реакција на обвинувањата на САД дека компанијата претставува ризик за национална безбедност. Некои образовни институции размислуваат да прекинат со работата со другите кинески компании.
Futurewei има стотици вработени во Силициумската долина и регионите на Сиетл, Чикаго и Далас. Компанијата има над 2.100 патенти.
Стравувањата на универзитетите се дека Huawei ги користи партнерствата за да презема и користи истражувања од областа на вештачката интелигенција, телекомуникациите и роботиката, кои можат да се користат за хакерски или шпионски операции, или, пак, да ѝ дадат предност на кинеската компанија пред американските конкуренти.
Одделот Futurewei не може да биде ставен во истата црна листа како Huawei бидејќи е регистриран во САД.