Apple пред неколку години конечно ги воведе OLED екраните на iPhone уредите и многумина почнаа да дискутираат за тоа кога компанијата би можела да имплементира OLED дисплеи и во некои од своите други производи. Новиот извештај од Јужна Кореја сугерира дека Apple можеби размислува за OLED екрани за своите таблет и лаптоп компјутери.
Компанијата ги порачува OLED екраните за iPhone од Samsung Display. Во извештајот се наведува дека Apple не купил доволен број OLED панели за iPhone колку што првобитно било планирано, а Samsung сега сака Apple да плати казна за ова. Според информациите, Apple во меѓувреме предложил поинакво решение.
Извештајот од Јужна Кореја тврди дека Apple, наместо да му плати казна на Samsung, понудил да купи OLED панели за производите како што се таблети и лаптопи. Доколку тоа се случи, се сугерира дека компанијата планира воведување на OLED дисплеи за iPad и MacBook линијата.
Тука е битно да се напомене дека извештајот тврди дека ова е една од опциите, кои двете компании ги разгледуваат за да ги измират обврските. Дали ова и ќе се случи, останува да се види.