Samsung Galaxy S10 i S10+ имаат прилично тежок предизвик, да бидат достојни на своето јубилејно издание и да го оправдаат епитетот најдобар Android смартфон. Колку Samsung успеа во тоа?
НИКОЛА БУРАГЕВ
Кога Samsung претставува нова генерација топ модели смартфони, како целиот свет да застанува. Дали од почит или од страв, сите ги интересира што има да каже водечкиот производител на смартфони на денешницата, предводникот на Android светот, но и предводник кога станува збор за дизајнот на паметните телефони. Оваа година пристигнaa Samsung Galaxy S10 i S10+, кои имаа прилично тежок предизвик – да бидат достојни на своето јубилејно издание и да го оправдаат епитетот најдобар Android телефон. Колку Samsung успеа во тоа?
Samsung со Galaxy S8 и S9 телефоните воспостави стандард, чија логична итерација е S10 – се работи за фантастични смартфони со мноштво нови технологии, кои се наменети за оние кои го сакаат најдоброто и најквалитетно искуство. Новата серија, прв пат пристигна со три модели, но во овој текст ќе ви понудиме тест на двата водечки уреда S10 i S10+, додека S10e ќе го обработиме во посебен тест, кој може да го очекувате во следните денови.
Приказната што се однесува на двата ударни модела е прилично стандардна – телефоните се многу слични, со тоа што моделот со (+) суфикс е со поголеми димензии, и практично единствената разлика потекнува во доменот на предната камера, каде што S10+ има предна дуал камера, а со самото тоа и поинаков облик на отворот за камерата, како и во капацитетот на батеријата. Останатите карактеристики се идентични и навистина нема смисол да се раздвојуваат овие два модела, посебно бидејќи разликите се помали од било кога (минатата година, стандардниот модел имаше 4 GB RAM, а Plus моделот имаше 6 GB, камерите не беа исти и така натаму). Поради тоа, во текот на текстот двата телефона ќе ги нарекуваме S10, а таму каде што постојат разлики, јасно ќе ги назначиме.
На тест ги добивме телефоните во целосно пакување, кое е идентично кај двата уреда. Конкретно, во кутијата е сместен полнач од 15 W, потоа AKG слушалки, OTG адаптер, USB-C кабел, игличка за SIM. Како и досега, во пакувањето нема футрола, како ни безжичен полнач, кој на пример пристигнува заедно со Xiaomi Mi Mix 3.
ДИЗАЈН И ПАКУВАЊЕ
Кога се сретнувате со телефоните, најпрвин ќе го регистрирате нивниот дизајн. Тоа е најголемиот адут на овие фантастични уреди. Тие пристигнуваат со нови Dynamic AMOLED екрани. Подобриот, појасен и подобро осветлен дисплеј е само почеток на приказната. Некои корисници се чудат на ваквиот дизајн, но сметаме дека ова е полн погодок во овој момент. Ваквото решение имавме прилика да го видиме на Honor View 20 пред неколку месеци, а сега е присутно и на врвните уреди на Samsung.
Самиот дизајн е логична еволуција на она што донесоа и во кој правец се движеа Galaxy S8 и S9. Телефоните изгледаат фантастично, имаат заоблени рамки – иако е јасно видливо дека рамките на екранот не се спуштаат длабоко преку страните како некогаш, бидејќи доаѓаше до деформација на приказот при одредени услови на осветлување во такви ситуации.
Разликите во големината наизглед не се големи, но… се испоставува дека овие 0,3 инчи на модерните телефони е голема разлика. Во рака лежат одлично, а стандардниот S10 посебно импресионира со својата ергономија. Тежината е уште еден битен параметар на лежење на уредот во рака, но исто така и балансот на тежината – S10 i S10+ се тешки 157, односно 175 грама. Поголемиот модел ниту е лесен, ниту тежок, а некои речат баш како што треба. Но, помалиот модел навистина импресионира со лесното ракување и во ниту еден момент не помисливме дека мораме да го придржиме со другата рака.
Corning Gorilla Glass 6 напред, Gorilla Glass 5 одзади, со алуминиумска рамка – тоа се материјалите од кои е изработен овој смартфон и можеме да констатираме дека се работи за апсолутна врвна изработја. Треба да се истакне и дека најмоќните модели се одликуваат со керамичка задна страна, што им дава специфично чусвтво во рака и го подигнува нивото на изработка на уште повисоко ниво.
ЕКРАН
Големиот новитет што го донесуваат S10 моделите на Samsung е Dynamic AMOLED екранот. Дисплеите донесуваат уште подлабоки црни и посветли бели нијасни, динамички ги мапираат тоновите и боите, благодарение на што пружаат подобра и почиста слика при поголема светлина, а исто така го намалуваат ефектот на сино светло. Истовремено, се работи за екрани со HDR10+ сертификат. AMOLED дисплеите на Samsung, со овие модели го подигнаа квалитетот на уште повисоко ниво. S10 i S10+ имаат заоблени екрани, дијагонала од 6,1 и 6,4 инчи, резолуција од 3040 x 1440 пиксели и однос на страните од 19:9.
Новите екрани ја носат ознаката Infinity-O, поради отворите за селфи камерите на предната страна. Густината на приказ изнесува 550 ppi на помалиот, односно 552 ppi на поголемиот телефон. Исто така, покриеноста на предната страна со екран изнесува 88,3% на помалиот, односно дури 88,9% на поголемиот уред. Да повториме, екраните се заштитени со Corning Gorilla Glass 6 стакло.
Софтверската поддршка на екраните е беспрекорна. Можете да ја подесувате резолуцијата за да заштедите енергија, иако да бидеме искрени, и не забележавме некоја разлика помеѓу 3040 x 1440 и 2280 x 1080 во пракса. Секако, тука се и можностите за подесување на профилот, температурите на бои, контраст, синиот филтер, се што можете да замислите да менувате кога се работи за екранот е тука. Впрочем, зарем може да се очекува нешто друго од топ моделите на овој производител.
ХАРДВЕР
Што се oднесува до хардверот, Galaxy S10 го користи решението на Samsung, Exynos. Конкретно, станува збор за осмојадрениот чипсет Exynos 9820. На самиот старт да кажеме дека во целост не ни е јасно незадоволството на дел од корисниците со тоа што Samsung го испорачува Exynos во Европа, а Snapdragon 855 во Америка и на некои други континенти. Exynos 9820 е најбрзиот чипсет кој досега сме го пробале, оставајќи го зад себе и Kirin 980, дури и кога за него ќе се активира Перформанс режимот на работа.
S10 i S10+ стартуваат од 8 GB RAM со 128 GB простор за складирање, што во следната итерација се зголемува дури на 512 GB простор. Топ моделот на S10+ ќе доаѓа дури со 12 GB RAM и 1 TB складирање, но по астрономска цена. Тука е и можноста за користење на microSD мемориска картичка за проширување, а сите модели се Dual SIM, со хибриден слот. Перформансите на уредите се фантастични и имаме само зборови за пофалба за искуството, кое е испорачано во тој поглед.
СОФТВЕР И ИСКУСТВО
Новите телефони пристигнуваат и со свежа итерација на оперативниот систем. Имено, Samsung ги испорачува со Android 9 Pie. Корисничкиот интерфејс овој пат е освежен и унапреден. По повеќе измени во претходните години и одредена доза експериментирање, Samsung направи полн погодок.
One UI, како што го нарекува Samsung е предвиден за работа во соработка со Android 9 Pie. Но, иако иницијално бевме малку зачудени, со време интерфејсот не освои. Она што дефинитивно е потребно е одреденото време за навикнување. Има премногу новитети. Пред се, перформансите се беспрекорни. Иконите се многу крупни, јасни и воочливи, но сето тоа секако може да се прилагоди на навиките на корисниците.
Посебно ни се допаѓа што телефонот е во состојба да ја нагласи најбитната и најважна опција, посебно со големите букви, па често некои опции кои треба да се бараат на телефонот, сега просто упаѓаат сами во очи. Од друга страна, интерфејсот е доста шарен, па доколку не спаѓата во корисниците на кои тоа им се допаѓа, веројатно ќе ви биде потребно повеќе време да се навикнете.
Постојат доста новитети, вклучувајќи ја и опционалната навигација во Android 9 стил. Сега е тука и Dark Mode, со кој со еден потег може да го затемните интерфејсот и да го направите телефонот попријатен за очи во одредени услови – на пример навечер. Воопшто, доминира мотивот на заобленост, па така сите икони и менија имаат заоблени линии, кои како да тежнеат да станат кружници. Тоа е и трендот на Android 9 OS, но во One UI е дополнително нагласен.
КАМЕРИ
Најпосле, можеби најубавата работа ја оставивме за крај. Galaxy S10 i S10+ користат идентичен систем на камери на задната страна, како и ист главен сензор однапред. Тука бележиме напредок во однос на претходните генерации, каде што постоеше разлика помеѓу главните камери, кога станува збор за обичниот и Plus моделот. Сега се присутни системи на тројна камера, и тоа какви системи.
Софтверските опции се бројни и исклучително раскошни и богати. Можеби најмногу упаѓа во очи можноста на “широк кадар”, која е многу јасно истакната и кога е активна задната, а и кога се користи предната камера. Присутни се разни филтри, специфични режими на фотографирање и снимање, а помеѓу нив се движите на крајно едноставен начин, со благо движење на прстот во лева или десна страна. Пристапот до сите оцпии е едноставен и брз и лесно ќе успеете да го пронајдете она што ви е потребни, без разлика дали се работи за Pro режим на фотографија, систем на едитирање видеа или приказ на дополнителни информации за снимката.
На задната страна на Galaxy S10 се сместени три камери со dual OIS поддршка: телефото 12 MP, широкоаголни 12MP и ултрашироки 16MP сензори. Главниот сензор има варијабилен отвор на блендата од f/1.5 до f/2.4, телефото од f/2.4 и ultra-wide сензор од f/2.2. Заедно со dual Pixel PDAF, двојна стабилизација и 2X оптички зум, јасно е дека камерата е во состојба да пружи многу. Овој впечаток е засилен со фактот дека прв пат во S серијата новиот Galaxy S10 нуди ултраширок објектив со видно поле од 123 степени.
ЗАКЛУЧОК
Дали Samsung со моделите од S10 серијата ги оправда очекувањата? Ако сте реален познавач на сегашниот технолошки досег и ваквата форма телефони која се уште не е зрела за следното технолошко ниво – ДА. Ако сте некои од оние кои веруваат во магијата на волшебното стапче, веројатно нема да бидете воодушевени. S10 е поголем исчекор во однос на S9, отколку што “деветката” беше во однос на S8. Доколку сакате да пронајдете некој недостаток, секогаш ќе можете тоа да го направите: било да се работи за технологијата, не ви се допаѓа дизајнот или цената. Но, ако сакате фантастичен телефон кој е последен крик на мобилната технологија – S10 серијата смартфони е апсолурно разумен избор.
И секако, на самиот крај… прашањето на сите прашања, S10 ili S10+? Тука никако не можеме да ви помогнеме, туку изборот ќе морате да го направите самите. Всушност, работите уште повеќе се комплицираат со одличниот S10e, кој ќе ви го претставиме наскоро, а кој донесува се што и топ моделите, во помало, покомпактно пакување. Некои корисници повеќе се склони кон стандардниот S10 модел, на некои повеќе им лежи S10+ уредот – но, кога еднаш ќе стигнете дотаму, сте ги разрешиле најважните дилеми и ви остануваа само онаа најслатката.
Предности:
– Врвен телефон, дизајн и изработка
– Dynamic AMOLED екраните пружаат врвно визуелно искуство
– Фантастични унапредени камери
– Предната камера е најдобра на светот
– Автономијата на батеријата, посебно на S10+
– Одлични перформанси
– Исклучителен дизајн и изработка
Недостатоци:
– Ултразвучниот скенер на отисоци од прстот
– Многу високо поставеното копче за вклучување на десната страна
– AKG слушалките од пакетот