Двата јапонски производители се договориле да развијат заедничка механичка платформа за патнички автомобили и SUV модели на електрична енергија

Како што тоа го сторија BMW и Jaguar Land Rover, кои минатата недела ги здружија силите за изградба на погонски единици за следната генерација на електрични возила, така и Toyota и Subaru, исто така, одлучија да соработуваат во областа на развојот на технологија за автомобили на електричната енергија.

Јапонските производители, кои претходно работеа тесно во некои области, како што се дизајнот и производството на спортскиот модел GT86 / Subaru BRZ, сега се свртуваат кон електричната иднина.

Двете автомобилски компании планираат заеднички да развијат механичка платформа која ќе ја користат нивните патнички автомобили и SUV модели со погон на електрична енергија. Според соопштението, станува збор за платформа на која ќе се базираат средни и големи патнички автомобили, како и електрични SUV модели од таканаречениот C сегмент.

Иако механиката ќе биде заедничка за автомобилите на двата производители, секој од нив ќе има свои модели, кои ќе се продаваат под ознаката на нивниот бренд.

Toyota во овој заеднички проект ќе внесе технологии за електрификација на возилата кои веќе ги има развиено за своите plug-in хибриди, a Subaru своето неколку децениско искуство во развој и производство на погонот на сите 4 тркала.

Subaru објави дека по потпишувањето на договорот за соработка, ресурсите претходно наменети за развој на електрични автомобили ќе ги пренасочи во заедничкиот проект.

Иако веќе долго време фокусирана на развојот и производство на хибридни и plug-in-хибридни автомобили, Toyota не беше премногу склона кон чисти електрични возила. Наместо тоа, јапонскиот производител се фокусираше на технологијата на водородни горивни ќелии и автомобилите во кои електричната енергија потребна за стартување на возилото се добива од водород.

Договорот постигнат со Subaru покажува дека Toyota конечно се врти и кон чисто електричниот погон. Што се однесува до Subaru, компанијата има уште поголемо заостанување во однос на електрификацијата, бидејќи на пазарот има само еден plug-in хибриден модел – Crosstrek PHEV, кој пак е направен со помош на технологија на Toyota.