Жителите на еден мал норвешки остров се надеваат дека ќе го победат времето со тоа што целосно ќе го елиминираат концептот на време, пренесува „Евроњуз“.

Некои од жителите на Сомарој, остров што се наоѓа западно од Тромзо и северно од Арктичкиот круг, водат кампања со цел нивниот остров да стане првата светска зона без време.

Тие ги повикуваат на елиминирање на работните часови на островот, со што на жителите би им се дозволило да прават што сакаат и кога сакаат бидејќи нивниот однос кон времето е поинаков од кое било друго место на светот, велат тие.

Во текот на зимата островот цели два месеца е во целосен мрак, а во лето сонцето воопшто не заоѓа цели два месеца – од 18 мај до 26 јули.

„Како да го мериме времето во лето кога нема ноќ? Е, па, токму поради оваа причина го правиме ова!“, напишаа тие на нивната страница на „Фејсбук“, Time-Free Zone („Зона без време„). „Овде во зоната без време, Сомарој, уживаме во секој момент од полноќното сонце и, да, кафе со пријателите во 2 часот по полноќ е сосема нормално“.

Кампањата ја поднесе својата петиција до локалниот пратеник Кент Гудмундсен минатата недела. Тој изјави дека идејата за зона без време звучи возбудлива и дека можеби владата, наместо да избира меѓу летно или зимско сметање на времето, треба да ја земе предвид кампањата како трета опција.

Посетителите на островот ја поддржуваат идејата, а некои од нив дури и ги закачија своите часовници на мостот што води до островот.