Пермафрост или трајно замрзнатото тло во канадскиот дел на Арктикот почнало да се топи 70 години порано од прогнозите на научниците, пишува британски „Гардијан“.

Научниците од универзитетот „Алјаска Фербенкс“ се зачудени од тоа колку брзо серијата на невообичаено топли лета ги дестабилизирала горните слоеви од огромните ледени блокови кои се опковани со мраз илјадници години. Експертите сметаат дека ова е знак оти глобалните климатски промени се случуваат побрзо од очекуваното.

„Она што го видовме беше неверојатно“, вели за „Ројтерс“ геофизичарот Владимир Романовски. „Ваквата ситуација покажува дека климата сега е потопла од било кој период во последните 5000 или повеќе години“, додава тој.

Научниците се загрижени за состојбата на мразот, бидејќи брзото топење може да ослободи големи количини стакленички гасови, што дополнително ќе го забрза глобалното затоплување.

Предупредуваат и дека брзиот пораст на глобалната температура може да ја загрози одржливоста на целата индустриска цивилизација.

„Топењето на вечниот лед (пермафрост) е една од критичните точки која најавува почеток на климатска катастрофа, а веќе се случува пред нашите очи“, вели Џенифер Морган, извршна директорка на организацијата „Гринпис Интернешнл“.

„Ова предвремено одмрзнување е јасен сигнал дека треба да ги намалиме емисиите на стакленички гасови и дека треба веднаш да го сториме тоа“, додава таа.