Под името Project Scarlett, Microsoft ја најави новата гејминг конзола на Microsoft од производната линија на Xbox.
Конзолата доаѓа со еден цел куп подобрувања во однос на нејзиниот претходник, а нејзината цел е да претставува достоен ривал за веќе најавениот PlayStation 5 на Sony.
Новиот Xbox ќе пристигне во лето наредната година, а компанијата најави дека до крајот на оваа година ќе добиеме и официјален датум за негова премиера.
Конзолата не доби официјално име, туку до нејзината премиера ќе биде позната како Project Scarlett. Според најавите од Microsoft, таа ќе има процесор четирипати помоќен од оној на актуелната генерација на Xbox, наречена One X.
Што се однесува до внатрешната меморија, овој уред ќе пристигне на пазарот со хард-диск SSD, кој ќе ја направи конзолата многу побрза, бидејќи тој работи со 40 пати поголема брзина отколку хард-дискот на актуелната генерација на конзоли од Microsoft. Од компанијата велат дека новиот Xbox ќе биде револуционерен, а ќе може да емитува видео со резолуција од 8K и 120 слики во секунда.
Засега останува непозната колкава ќе биде цената на Project Scarlett, исто како и кај ривалскиот уред Sony PlayStation 5. Таа веројатно ќе биде објавена во наредниот период, кога Microsoft ќе го објави и датумот за премиера на конзолата.