Најмалку 600 видови растенија се истребени од дивината во последните 250 години, пренесе Би-би-си, повикувајќи се на скорешни истражувања на повеќе институти. Бројката се однесува на конкретни истребени видови, а не на проценки и изнесува двапати повеќе од сите истребени видови птици, цицачи и водоземци заедно.
Според научниците, изумирањето на растенијата се случува 500 пати побрзо отколку што е очекувано да случи според природниот тек.
Во еден извештај од ОН објавен во мај оваа година, се наведува дека 1 милион животински и растителни видови се на работ на одумирање. Според истражувачите, анализите од ова документирање на изумрените растенија може да помогне во понатамошното зачувување на други видови на флора.
Додека поголемиот дел од населението со сигурност може да каже барем едно животно кое е истребено во последните неколку векови, само неколкумина би можеле да набројат некои растенија, вели д-р Аелис Хамфрис од универзитетот во Стокхолм.
„Ова истражување за првпат покажува кои видови растенија се истребени, каде и колку брзо сето тоа се случува“, додава Хамфрис.
Меѓу изумрените растенија се наоѓа чилеанското сандалово дрво, кое беше предмет на експлоатација поради неговото есенцијално масло, како и маслиновото дрво св. Елена.
Најголемите загуби се забележуваат на островите и тропските предели кои се дом на голем број огревни дрва. Овие предели се препознатливи по особено богатиот растителен диверзитет.
Научниците од Кралската ботаничка градина и универзитетот во Стокхолм откриваат дека во последните два и пол века изумреле 571 вид на растенија, односно повеќе од двојно од бројот на изумрени животински видови (217 видови птици, цицачи и водоземни животни).
Овие податоци предупредуваат дека природното изумирање на растенијата би се случувало околу 500 пати побавно доколку на планетата не би биле присутни луѓето.
Според научниците, овие бројки се и под вистинските вредности на изумирањето на растителните видови.
Сепак, по целото истражување, тие повторно откриле еден цвет за кој се сметало дека веќе е изумрен, а тоа е синиот чилеански крокус (Tecophilaea cyanocrocus).
Зошто се растенијата важни? Целокупниот жив свет на планетата Земја е тесно поврзан со растенијата, односно зависи од нив бидејќи тие го произведуваат кислородот што го дишеме и храната што ја јадеме.
Изумирањето на растенијата може да доведе до цела низа истребувања на други организми кои се зависни од нив, како на пример, инсектите кои ги користат растенијата како извор на храна и место каде положуваат јајца.
Изумирањето на растенија е лошо за сите живи суштества, вели д-р Еимеар Ник Лугада од Кралската ботаничка градина.
„Милиони живи суштества зависат од растенијата за да преживеат, а меѓу нив и луѓето, што значи дека добро е да знаеме кои точно растенија се загрозени за да ги конзервираме и заштитиме, а со нив да зачуваме и други организми“, објаснува професорката.
Д-р Роб Салгуеро-Гомез од Универзитетот во Оксфорд вели дека мора да разбереме зошто, како и каде изумираат овие растенија, не само еколозите, туку и општествата.
„Ние директно зависиме од растенијата за храна, сенка, како и градежни материјали, а индиректно, како дел од екосистемот, каде тие придонесуваат за трансформација на јаглероден диоксид во кислород, но и за подобро ментално здравје преку уживање во зелените површини“, вели професорот Гомез.
Поврзани артикли