Huawei им наредил на неговите вработени да ги откажат состаноците со контактите од САД и ги испратил во татковината американските работници кои работеле во седиштето на оваа компанија во Кина.

Потегот на кинеската компанија доаѓа во време на растечки тензии помеѓу САД и Кина околу трговијата и технологијата, во која Huawei е главна цел на Вашингтон, пишува британскиот весник Financial Times.

Британскиот весник ги цитирал зборовите на главниот стратег на Huawei, Данг Венжуан, дека американски државјани вработени во секторот за истражување и развој се вратени во татковината пред две недели, бидејќи кинеската компанија и нејзините 68 филијали се ставени на црната листа на Министерството за трговија на САД.

Со тоа им е забрането на американските компании да продаваат технологија на Huawei без одобрение на владата на САД.

Данг изјавил дека Huawei ја ограничил интеракцијата меѓу неговите вработени и американските државјани, наведува FT.

Huawei не сакал да коментира за наводите на британскиот весник.

Кинеското министерство за трговија објавило дека ќе подготви листа на странски компании, организации и поединци кои ги смета за “неверодостојни лица”, што е веројатно одговор на американската црна листа.