Сан Франциско е првиот американски град кој ја забрани технологијата за препознавање на лица по градските улици.

Според Би-би-си, градските советници изгласале забрана за ограничување врз основа на која локалните власти нема да можат да користат камери за идентификација на граѓаните.

Властите во Сан Франциско во иднина ќе треба да дадат дозвола за набавка на каква било опрема за надгледување.

Критичарите на одлуката на градските власти велат дека таа ќе ја нараши безбедноста на граѓаните и ќе ја забави борбата против криминалот.

Од друга страна, оние кои ја поддржуваат одлуката велат дека ваквата технологија е небезбедна односно дека претставува непотребно нарушување на слободата и приватноста на граѓаните.

Противниците на технологијата за препознавање на лице, исто така, сметаат дека таа е подложна на грешки, особено кога станува збор за луѓето со темна кожа.

„Го поздравуваме градот кој реши да ја слуша својата заедница. Другите градови треба да го следат примерот и да донесат слични одлуки кои ќе ги заштитат граѓанските права и безбедноста на луѓето“, изјави Мет Кејгл од Американскуот сојуз за граѓански слободи.

Новите правила нема да се однесуваат на безбедносните мерки на аеродромот и пристаништето во Сан Франциско, бидејќи таму се надлежни сојузните, а не локалните безбедносни органи.