Властите во Кина ја блокираа „Википедија“, објави сопственикот на оваа онлајн енциклопедија.

Фондацијата „Викимедија“ во април откри дека „Википедија“ веќе не е достапна во Кина, во имејл напиша Саманта Лиен, портпаролка на Фондацијата Викимедија, која е сопственик на Википедија, објави Ројтерс.

„По детална анализа на нашите внатрешни извештаи, можеме да потврдиме дека Википедија е блокирана во сите јазични верзии”, рече Лиен.

Фејсбук, Твитер, Инстаграм и други сајтови за социјални медиуми веќе подолго време се блокирани во Кина.

Некои статии на „Википедија“ за чувствителни прашања, како што се протестите на плоштадот Тјенанмен во 1989 година или Тибет, долго време беа блокирани во Кина, дури и кога главниот сајт беше достапен.

Сомневањето за тотална блокада на „Википедија“ се појави кон крајот на април, кога некои кинески интернет-корисници се пожалија дека сајтот повеќе не е достапен.