Бидејќи флексибилните екрани стануваат се покорисни и подостапни, се поголем број компании почнуваат да ги употребуваат на своите производи. Но, мораме да признаеме дека сме затечени од фактот дека овие екрани нашле примена и во модната индустрија. Имено, познатата дизајнерска куќа Луј Витон на својата линија женски торби имплементираше флексибилни екрани.
Овој луксузен бренд на торби е опремен со AMOLED екрани со резолуција 1920 x 1440 пиксели. Двата прототипа на вакви торби се претставени на Cruise 2020 runway show, одржан оваа недела во Њујорк. На една торба се наоѓал еден екран, додека на вториот модел се имплементирани два, а на нив се прикажувале различни видео снимки, како и нешто што би можело да се нарече демо на интернет прелистувач.
Луј Витон оваа колекција ја претстави како експеримент, кој можеби ќе биде основа за дигитализација на нивните идни производи и дека компанијата отсекогаш бара начини да ги спои иновациите и модниот дизајн. Сепак, во овој момент не е познато дали овие торби некогаш ќе излезат од фаза на прототип, а ако се појават во продажба, сигурни сме дека нема да бидат евтини. Впрочем, Луј Витон веќе продава сопствени in-ear слушалки, кои чинат дури 1000 долари, па според тоа можете да замислите колку би чинела една ваква hi-tech торба.