Коосновачот на „Фејсбук“, Крис Хјуз, изјави дека дојдено е време оваа социјална мрежа да биде разбиена.
Во статија објавена во „Њујорк тајмс“ во четвртокот Хјуз вели дека извршниот директор на компанијата, Марк Цукерберг, го претворил „Фејсбук“ во монопол што ги задушува иновациите, објави агенцијата АП.
Социјалната мрежа „Фејсбук“ има повеќе од две милијарди корисници, а исто така ги поседува и „Вацап“, „Месинџер“ и „Инстаграм“, од кои секоја има повеќе од една милијарда профили. „Фејсбук“ го купи „Инстаграм“ во 2012, а „Вацап“ во 2014 година.
Хјуз смета дека моќта на Цукерберг е без преседан и неамериканска и додава дека неговиот поранешен колега се фокусирал на растот, што го натерало на тоа да ги жртвува безбедноста и етиката за кликови.
Според неговите зборови, „Фејсбук“ е монопол што треба да се принуди да ги раздвои „Вацап“ и „Инстаграм“, а идните спојувања треба да му бидат забранети во следните неколку години.
Тој исто така повика на формирање нова федерална агенција за регулирање на технолошките компании, чија прва задача ќе биде заштита на приватноста на корисниците.
Хјуз бил цимер со Цукерберг на Универзитетот „Харвард“, а „Фејсбук“ го напуштил во 2007 година за да учествува во предизборната кампања на Барак Обама.
Тој тврди дека сите свои акции на „Фејсбук“ ги ликвидирал во 2012 година кога станал издавач на „Нова Република“ и веќе не инвестира во ниту една компанија за социјални мрежи.