Google во текот на I/O конференцијата официјално ги претстави најновите телефони во својата Pixel линија, кои се наменети за понискиот сегмент на пазарот. Google Pixel 3a и 3a XL можат да се сметаат за своевидни наследници на достапната Nexus серија, која постоеше пред Pixel уредите. Се очекува дека подостапната цена и истите камери како кај Pixel 3 линијата ќе им помогнат на Pixel 3a и Pixel 3a XL моделите да допрат до поголем број корисници.

Pixel 3a е помалиот модел, кој го карактеризира 5,6-инчен OLED екран без засек, со FHD+ (2220 x 1080p) резолуција и Dragon Trail заштита. Го покренува Snapdragon 670 чипсет, со Adreno 615 графика. Телефонот ја има истата количина RAM меморија како и поскапиот Pixel 3 модел: 4GB RAM и 64GB простор за складирање. Нема опција за проширување преку microSD картичка.

Системот на камери се состои од 12.2MP Sony IMX363 главен сензор (f/1.8, 1.4µm pikseli, OIS). Како главната камера и предната камера е идентична како кај Pixel 3, а има 8MP сензор со f/2.0 отвор на бленда. Исто така се присутни и сите главни камера функции од посилниот Pixel, како Night Sight, Top Shot, Super Res Zoom и HDR+. Батеријата е со капацитет 3000mAh, со поддршка за 18W брзо полнење преку USB Power Delivery стандард.

Поголемиот модел во понудата е Pixel 3a XL, кој го имплементира истиот хардвер, само во поголемо куќиште. Дисплејот со големина од 6 инчи е OLED so FHD+ (2160 x 1080p) резолуција. Телефонот има нешто подебели рамки, а батеријата е со капацитет од 3700mAh.

Pixel 3a чини 399, а 3a XL 479 долари.