Австралиските научници сметаат дека пронашле противотров за убод од најотровното суштество на светот, „морска оса“, медуза која е најголема опасност за капачите во Индискиот Океан и Пацификот.
Научници од Сиднејскиот универзитет се обиделе да го разберат начинот на функционирање на отровот на австралиската „морска оса“ (Chironex fleckeri), кој може да убие до 60 луѓе и да предизвика ужасна болка.
Само еден убод од „морска оса“ предизвикува неподнослива болка и некроза на кожата, а доколку количеството отров е доволно големо, тогаш доаѓа и до срцев удар и смрт.
Тестовите се спроведени врз експериментални глувци и човечки ќелии, при што е откриено дека лекот ја спречува некрозата на кожа и болката, доколку се примени во рок од 15 минути.
– Се уште не знаеме дали ќе може така да се спречат проблемите во работата на срцето. Треба да ги продолжиме истражувањата и да бараме средства за тоа – вели еден од научниците.
„Морската оса“ може да биде долга до три метри. Екстремно е опасна бидејќи може да плива, а не само да се движи со помош на струјата.
Научниците се надеваат дека ќе создадат крема или спреј, кои ќе ги неутрализираат убодите од кои, според проценките, секоја година умираат десетици луѓе, а илјадници се хоспитализираат.
Поврзани артикли