Директорот на Фејсбук, Марк Цукерберг, откри дека следуваат серија промени во социјалните мрежи во сопственост на компанијата, меѓу кои и Инстаграм и ВатсАп.
Новиот дизајн и сервиси кои ќе ги имаат овие апликации се директен одговор на огромниот број критики за тоа како технолошкиот гигант ги штити корисничките податоци.
Цукерберг најави дека компанијата планира да ја стави приватноста на прво место, додавајќи дека треба многу да се направи за повторно градење на доверба со корисниците.
Во говор до програмерите, Цукерберг објаснил дека новиот фокус на Фејсбук ќе биде „огромна промена“ во начинот на кој ќе работи компанијата. Некои од поголемите промени кои ќе бидат вклучени во продуктите на компанијата се:
- Пораките испратени преку Месинџер ќе бидат енкриптирани, што значи дека Фејсбук нема да може да ја гледа содржината, а платформата ќе биде целосно интегрирана со ВатсАп.
- Инстаграм тестира „приватни пресметки на лајкови“, алатка која ќе ги крие „лајковите“ кои ги имаат објавите, освен за сопственикот на профилот.
- Ќе има краткорочен начин за споделување на содржини во пораки, што значи дека нема да останува трајна трага од нив.
- Фејсбук апликацијата ќе претрпи редизајн. Препознатливата сина боја најверојатно ќе биде променета, додека групите ќе станат централни на страницата за вести на профилот. Редизајнот ќе започне од САД, а потоа ќе се прошири и на други држави.
- Објавите на Инстаграм повеќе нема да мора да почнуваат со фотографија или видео и ќе биде овозможено да се објави содржина само преку текст, стикери или цртежи.
„Иднината е приватност. Благо да се каже, знам дека во моментов немаме најсилен углед во поглед на приватноста“, изјавил Цукерберг.
Поврзани артикли