Ford веќе некое време ја применува својата автомобилска експертиза за да создаде забавни уреди како што е паметен кревет со подвижна лента и полица за кучиња со noise-cancelling технологија. Имајќи го ова на ум, не е изненадувачки што нивниот следен пронајдок доаѓа во форма на редизајнирани скромни колички што може да се пронајдат во супермаркетите.

Тоа е количка со автоматско стопирање кое се базира на Pre-Collision Assist (Систем за помош во спречување на судир), а која во овој случај е наменета за да спречи било каков неред во супермаркетите. Да се потсетиме, оваа технологија користи предна камера и радар за откривање на објекти пред автомобилот и го принудува возилото да закочи ако возачот не обрнува внимание на предупредувањата. Што би значело дека ако вашите деца сакаат да ги користат количките  во продавниците како скејтборд или ако самата количка се тркала на паркингот, сензорот може да детектира предмети на патот и полека да ја закочи количката.

Ford во изјавата малку неправедно ги обвини децата за незгоди со количките. “Децата сакаат да ги копираат возрасните, кога ги буткаат количките, во нивната глава тоа е како да се наоѓаат зад воланот на автомобилот, со долги, широки пролази во супермаркетите како нивни тркачки стази”, соопштува компанијата. Тоа е сосема точно, но и возрасните подеднакво може да ја пуштат наполнетата количка на паркинг во некое F-150, додека тие на пример, бараат клучеви во торбата.

Видеото покажува систем кој функционира речиси совршено, има непречено сопирање за да се спречат незгоди.

Треба да се напомене дека ова е само прототип, како и претходните интересни пронајдоци на Ford и се сомневаме дека ќе видиме како супермаркетите ќе ги прифатат. Сепак, ова е забавен прототип и итар маркетинг потег од Ford.