Шефот на Apple има важна порака за сите корисници на паметни телефони

Минатата година, Apple и Google претставија функции во своите мобилни оперативни системи, кои на корисниците им покажуваат колку време поминуваат со уредите и поголем дел од луѓето веројатно се изненадија кога видео колку часа поминале со телефоните во рака. Гостувајќи на една конференција, Тим Кук предупреди на овој проблем и рече дека ни екипата во Apple која ги произведува и продава телефоните, не сака луѓето да поминуваат толкаво време со мобилните уреди.

Децата станаа зависни од телефоните, како и нивните родители, чии уреди константно ѕвонат и вибрираат од бројните нови известувања од социјалните мрежи, повици, пораки итн. Луѓето бескрајно скролаат по телефоните, следејќи што се случува оваа секунда, додека стравуваат да не пропуштат некој настан во светот, пропуштаат други, многу поважни работи – комуникацијата со луѓето.

Промената која луѓето треба да ја направат, порача Тим Кук е да обрнуваат помалку внимание на телефоните, а повеќе внимание на луѓето со кои се наоѓаат во просториите, бидејќи секој пат кога ќе го подигнете телефонот, го тргнувате погледот од очите на луѓето со кои разговарате. А доколку повеќе гледате во екранот, отколку во луѓето, “правите погрешна работа”.

Колку шефот на Apple е зависен од својот iPhone, дозна токму благодарение на споменатата нова опција на следење на времето на користењето на телефонот. Тогаш одлучил дека мора нешто да промени, а промената која ја направил е исклучувањето на бројните известувања што ги добивал. Се запрашал дали навистина треба да добива илјадници известувања дневно, а одговорот бил јасен: “Тоа не е нешто што му дава вредност на мојот живот или поради што ќе станам подобра личност”.

Советот на Кук до сите корисници на смартфони е да тргнат по неговите стапки и да ги исклучат известувањата, бидејќи така телефоните помалку ќе им пречат и ќе имаат време за други и поважни работи во животот.