Samsung без преголема помпа претстави нови Android Go смартфон. Се работи за моделот Galaxy A2 Core, кој се темели на послаб хардвер во однос на остатокот од Galaxy серијата, но затоа има и осетно поповолна цена од околу 70 евра.

Galaxy A2 Core е опремен со екран со дијагонала од 5 инчи, чија резолуција за денешни услови е навистина многу ниска – 960 x 540 пиксели. Слично е и со количината на работна и интерна меморија, која во овој случај изнесува 1 GB RAM и 16 GB простор за складирање.

Додека за RAM меморијата нема помош, за интерната има. Galaxy A2 Core поддржува мемориска картичка, па просторот за складирање може лесно да се надгради. Но, само до 256 GB. Погонската сила Galaxy A2 Core ја црпи од Exynos 7880, осмојадрениот процесор на компанијата.

Како во периодот пред неколку години, Galaxy A2 Core има по една камера од секоја страна на уредот. За ценовниот ранг, всушност се работи за премногу добри камери – од двете страни се наоѓа камера со резолуција од 5 мегапиксели. Samsung додаде и поддршка за VoLTE, GPS, Wi-Fi (802.11 b/g/n) и Bluetooth (4.2 LE) технологиите. Батеријата е со капацитет од 2.600 mAh, што во однос на хардверот би требало да биде и повеќе од доволно да се помине денот.

Galaxy A2 Core се темели на Android Go, верзијата 9.0 Pie и претставува своевиден одговор на моделот на Xiaomi, Redmi Go.