Aston Martin го претстави својот прв продукциски електричен автомобил (ВИДЕО)

На Саемот во Шангај, Aston Martin го претстави Rapide E, својот прв продукциски електричен автомобил.

Славната британска автомобилска компанија на Саемот за автомобили во Шангај премиерно го претстави долгонајавувавниот модел Rapide E, под чиј долг преден капак го нема легендарниот 6-литарски V12 мотор.

Наместо споменатиот мотор, просторот овој пат послужи за сместување на батерии обложени со карбон и кевлар, чиј капацитет (65 kWh) е доволен за автономија, која според WLTP стандардите изнесува 320 километри, а едночасовното полнење на батеријата осигурува речиси 300 километри автономија.

Станува збор за модел направен во само 155 примероци. Цената не е објавена, а Rapide E е прв чекор на британската компанија, чии електрични автомобили ќе ги произведува ново формираниот бренд Lagonda. Двата електромотори сместени назад произведуваат 610 коњски сили и 950 Nm, што е доволно да забрзаат од 0 до 100 километри на час за помалку од 4 секунди и електронски ограничени 250 километри на час.