Илјадници вработени и соработници на Amazon имаат пристап до гласовните команди кои луѓето ги користат за управување со паметниот звучник Alexa.

Паметните звучници со интегрирани гласовни асистенти стануваат се попопуларни на пазарот и нивната бројка во домаќинствата ширум светот расте.

За асистентите да слушаат, потребно е најпрвин да бидат активирани од состојбата на мирување. На пример, кога е во прашање звучникот Echo на Amazon, доволно е да се изговори Alexa и асистентот ќе се „пробуди“ и ќе започне да ги слуша командите на корисникот.

Но, командите нема да ги слуша само асистентот, туку тоа го прават и вработените во Amazon ширум светот. Илјадници вработени и надворешни соработници на Amazon во Бостон, Коста Рика, Индија и Романија, имаат пристап до снимките од разговорите на корисниците со Alexa, затоа што тие информации се користат за подобрување на вештачката интелигенција, со цел гласовниот асистент на Amazon да стане попаметен во иднина.

Ова од Amazon го потврдиле за “ABC News”. Инаку, не секогаш станува збор за гласовни команди, затоа што паметниот звучник на Amazon често ги регистрира и останатите звуци. На пример, двајца вработени во Amazon наводно преслушале и вознемирувачка снимка за која верувале дека станува збор за сексуален напад, иако од американската компанија го демантираат тоа.

Во соопштението до јавноста, од компанијата на Џеф Безос соопштија дека паметниот звучник Echo ги испраќа снимките во „облакот“ кои се снимаат само после „будењето“ кога на звучникот ќе се појави синото светло и порачаа дека звучникот не снима цело време.

Иако од Amazon тврдат дека нивните вработени немаат пристап до информации врз кои би бил откриен идентитетот на корисниците, сепак со оглед на големите контроверзии кога се во прашање технолошките гиганти и нивното користење, односно злоупотребување на приватните податоци на корисниците, многумина не веруваат во тоа.

Неодамна “Bloomberg” откри дека вработените во Amazon кои ги преслушуваат снимките имаат пристап до сметката, односно до името на корисникот кој се регистрирал на уредот. Дури и ова ако не е точно, сепак станува збор за потенцијално голем проблем со самото тоа што илјадници вработени во Amazon ги преслушуваат приватните разговори на корисниците.

Извор: Zimo.hr