Компанијата Facebook забрани поддржување и застапување екстремен расизам на белци и сепаратизам на своите платформи со што ги зајакна напорите во борбата против говор на омраза.

Новата политика стапува во сила следната недела, објави социјалната мрежа.

Facebook, Twitter и YouTube се под притисок да отстранат содржини со расизам и неонацизам од своите платформи.

Како одговор, Facebook ги зајакна групите за надзор на содржина и укина страници кои се користат за промоција и организација на собири на расистички групи на белци.

„Во текот на изминатите три месеци разговорите со членови на цивилното општество и експерти за меѓурасни односи ширум светот ни потврдија дека национализмот на белците и сепаратизмот не може да биде одвоен од расизмот и организираните групи кои заговараат омраза“, објави компанијата.

Facebook исто така наведе дека луѓето кои пребаруваат поими поврзани со расизам на белци ќе почнат да ги поврзуваат со организацијата Лајф Афтер Хејт (Life After Hate), која им помага на луѓето да напуштат групи што заговараат омраза.