Facebook призна дека лозинките на стотици милиони корисници биле чувани во обичен текст-формат. И иако овие лозинки биле видливи само за вработените во компанијата, ова е уште еден пример за слабата безбедност на најголемата социјална мрежа на светот.
Ова се навистина ужасни времиња за Facebook, но и за корисниците. Да се потсетиме само на скандалот со „Кембриџ аналитика“, ширењето лажни вести и огласните кампањи кои влијаеја врз изборите. Тука е и хакерскиот скандал со кој беа погодени 50 милиони корисници итн.
А сега има сознанија дека компанијата ги чува лозинките во најобичен текст, како да се рецепти.
Во свој блог, од Facebook признаа дека некои кориснички лозинки се собрани во читлив формат во нивните интерни системи за собирање податоци. А кога ќе се каже „некои“, се мисли на стотици милиони корисници.
Во медиумите се споменуваат бројки меѓу 200 и 600 милиони корисници на оваа социјална мрежа. Тие податоци можеле да бидат пребарувани од страна на повеќе од 20.000 вработени во Facebook. А тоа не е мала бројка.
Exclusive: Facebook stored hundreds of millions of user passwords in plain text for years https://t.co/1iklirG5Hu pic.twitter.com/cmbpYmTrng
— briankrebs (@briankrebs) March 21, 2019
Од компанијата истакнуваат дека го решиле ова прашање и дека ќе ги известат сите чии лозинки се собирани на тој начин. Од социјалната мрежа исто така тврдат дека досега не пронашле никакви докази дека податоците некој интерно ги злоупотребувал или непрописно им пристапувал.
Дополнително, од компанијата јасно ставија до знаење дека избегнуваат да ги чуваат лозинките на ваков начин. Сепак, не објаснија зошто тоа не се случило сега и зошто стотици милиони лозинки биле изложени на опасност.
Промена на лозинката или напуштање на социјалната мрежа?
Ако и вие сте погодени од овој скандал, од Facebook предлагаат да ја промените лозинката и да размислите за овозможување двојна автентикација. Постои и уште еден начин за трајно решавање на проблемот – дефинитивно и трајно бришење на профилот.
Овој безбедносен проблем особено тешко ги погоди корисниците на Facebook Lite.
Извор: Tportal.hr