Норвешката академија на науки денеска објави дека и ја доделува Абеловата награда на американската професорка по математика Карен Уленбек за „достигнувања во областа на геометриските парцијални диференцијални равенки, калибрирачката теорија и интегрални системи, и за фундаменталното влијание на нејзината работа во анализите, геометријата и математичката физика“.

Уленбек е првата жена лауреат на оваа награда. Таа е професор и раководител на катедрата при Фондацијата „Сид У. Ричардсон“ на Катедрата по математика на Универзитет на Тексас во Остин. Таа важи за основоположник на современите геометриски анализи.

Абеловата награда за математика е воспоставена во 2002 година од Парламентот на Норвешка во чест на 200-годишнината од раѓањето на норвешкиот математичар Нилс Хенрик Абел. Паричната премија за оваа награда изнесува шест милиони норвешки круни (околу 750 илјади долари). Церемонијата на врачувањето на наградата предвидено е да се одржи на 21 мај во Универзитетот во Осло.

Наградата лани ја доби канадскиот математичар Роберт Ленглендс за „визионерска програма која ги поврзува теоријата на претставите со теоријата на броевите“.