Ентони Фаучи, водечки американски експерт за заразни болести, го предупреди Конгресот дека за развој и за пуштање во продажба вакцина против новиот коронавирус е потребно уште време, без оглед на помошта од сојузната влада за нејзиното производство.

Фаучи му рече на Одборот за здравство дека со оглед на тој факт напорите на нацијата да се борат со вирусот треба да се насочат кон докажаните јавни здравствени практики за да се ограничи и да се намали ширењето на инфекцијата.

Фаучи предупреди дека пребрзото олеснување на ограничувањата може да доведе до нов бран на епидемија и ги повика федералните држави да ги следат стручните препораки и да чекаат да падне бројот на новозаразени.

Претседателот Доналд Трамп ги повикува сојузните држави да ја рестартираат економијата.

„Тоа не само што ќе резултира во непотребно страдање и смрт, туку, всушност, ќе нè врати назад“, рече Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и заразни болести.

Фаучи сведочеше пред Комитетот за здравство, образование, работа и пензии во Сенатот, кој го контролираат републиканците. Претходно, Белата куќа го блокира сведочењето на 79-годишниот експерт пред Комитетот на Претставничкиот дом, кој е под надзор на демократите, велејќи дека тоа би било контрапродуктивно.

US President Donald Trump (L) listens as Director of the National Institute of Allergy and Infectious Diseases Anthony Fauci speaks during the daily briefing on the novel coronavirus, COVID-19, at the White House on March 24, 2020, in Washington, DC. (Photo by MANDEL NGAN / AFP) (Photo by MANDEL NGAN/AFP via Getty Images)

Фаучи сведочеше преку видеоврска од просторија полна со книги додека е во самоизолација затоа што можеби бил во контакт со еден од двајцата вработени во Белата куќа, кои се позитивни на коронавирусот.

„Сите патишта назад кон училиштата и работните места водат преку тестирање, а она што нашата земја го направи досега во однос на тестирањето е импресивно, но не и приближно доволно“, рече сенаторот Ламар Александер.

Александер, како и Фаучи, е во самоизолација затоа што еден од неговите асистенти е позитивен на тестот на коронавирусот, па сослушувањето го водел преку видеоврска.

Досега повеќе од 80.000 луѓе починале од новиот вирус во САД, повеќе отколку во која било друга земја во светот. Некои експерти проценуваат дека тестовите извршени во поголемиот дел на САД не се доволни за безбедно укинување и ублажување на воведените мерки за да се запре ширењето на Ковид-19.