Американскиот производител на електрични автомобили го претстави новиот, петти модел во својата гама – Model Y или новиот компактен SUV кој во продажба ќе влезе од 2020 година, со почетна цена од 39.000 долари.
Прво, ќе биде достапна верзијата со голема автономија од 480 километри по цена од 47.000 долари. Со 15 минути полнење на батерискиот сет ќе може да се поминат 270 километри. Најмоќната верзија од 60.000 долари од место до 100 km/h ќе забрзува за 3,5 секунди.
„Има функционалност на SUV, но се вози како спортски автомобил. Оваа работа ќе биде многу брза во кривините“, вели директорот на Tesla, Илон Маск.
Модел Y со два електрични мотори и погон на четири тркала ќе чини 51.000 долари, а оваа и најмоќната верзија ќе бидат достапни од 2020 година. Најевтината варијанта со автономија од 370 километри ќе се продава од 2021 година.
Попростран од Model 3, но не толку импресивен како Model X, Model Y располага со седум места за патници, но третиот ред ќе биде достапен само од 2021 година.
Илон Маск очекува пет ѕвезди на тестовите за судар и висок степен на безбедност.
„Ова ќе биде најбезбедниот SUV со средна големина досега“.
Дизајнот на салонот во голема мера наликува на внатрешноста на Model 3, па така покрај стандардниот дизајн тука се дисплејот од 15-инчи, панорамски покрив и товарен простор од 1.868 литри.
Tesla новиот Model Y го претставува во клучно време за компанијата, откако Model 3 стана најпродаван електричен автомобил во светот и тоа само благодарение на продажбата во САД, а кратко по почетокот на продажбата и во Европа.