Фолксвагеновата „буба“, на која се потпиша рускиот претседател Владимир Путин за време на венчавката на австриската министерка Карин Кнајсел, беше продадена за 20.000 евра, а парите беа уплатени за добротворни цели.

Кнајсел во интервју за рускиот „Комерсант“ рече дека „бубата“ е продадена на крајот од минатата година на аукција.

„Не ни припаѓаше нам, ја добивме само за свадбата и тој ден им кажавме на гостите дека сакаме да ја продадеме за добротворни цели“, рече Карин Кнајсел.

Потсетувајќи се на венчавката, таа рече дека ѝ било јасно дека доаѓањето на Путин ќе го привлече вниманието на медиумите.

„Сепак, Владимир Путин, секогаш шармантен, го сподели овој среќен ден со нас“, додаде Кнасел. „Бубата“ е продадена за 20.000 евра.

На 18 август Путин присуствуваше на венчавката на Кнајсел во Австрија.

Пред да ја напушти прославата, Путин се потпиша на „бубата“ на младенците и, според руската традиција за свадба, извика „горко“, потсетува агенцијата „Тас“.

Тоа, објаснува руската агенција, значи дека пијалаците се горчливи и дека двојката треба да се бакне за да го заслади пијалакот.