Русија во изминатите неколку години воведуваше сѐ построги правила за употреба на интернетот. Иако нејзината контрола е далеку од кинеската, големите информатички компании мораат да се прилагодат и почитуваат руските закони. Но, се чини дека во Кремљ можат да одат и чекор понапред.
Рускиот претседател Владимир Путин целосно го поддржува предлог законот наречен “Суверен интернет” кој всушност би ги поставил темелите за создавање на руски интернет. Поточно, вкупниот сообраќај во рускиот сајбер простор би бил контролиран од главниот контролен центар.
Со тоа би можеле да се блокираат или цензуираат “непослушните” корисници на интернетот, но и да се врши надзор и контрола кои информации се објавуваат и каде.
Од Кремљ се правдаат со аргументот дека тоа претставува одбранбен одговор на новата американска кибернетичка стратегија која дозволува преземање на офанзивни мерки против Русија и другите земји од кои доаѓаат сајбер нападите и заканите. Со тоа, новиот интернет наречен “RuNet” би можел да продолжи да функционира дури и кога САД ќе се обидат да воведат дигитална изолација на Русија.
Но, против овој предлог се и корисниците и провајдерите на интернет кои сметаат дека тоа не е најдобро решение. Корисниците посочуваат дека со тоа би се ограничиле нивните и така рестриктивни слободи, додека операторите наведуваат дека алтернативен интернет би чинел милијарди рубљи.
Интернет експертите предупредуваат дека создавањето на централизиран интернет би ја направил Русија поранлива, поради тоа што би постоело само едно место да се нападне па целиот руски интернет да престане со работа.