Уште од пуштањето во употреба на првиот нуклеарен реактор во 1942 година на Универзитетот во Чикаго, судбината на атомската енергија и нуклеарните реактори е исто толку триумфална колку што е и трагична.
Заради сите овие падови и подеми, денес, 75 години по откритието дека атомската енергија може да се собира и користи, нејзината иднина е несигурна.
Но, како стигнавме до тука? И која е иднината на овој извор на енергија за кој едно време се мислеше дека ќе ги реши сите наши проблеми?
Дали нуклеарните реактори ќе продолжат да функционираат и во иднина? Или пак, се толку опасни што ризикот е поголем од придобивките?
Верижна реакција со намален раст
Нуклеарниот реактор бил создаден во тајност, главно за воени цели, односно за производство на оружје и мотори за подморници. Со слична намена, овие реактори продолжуваат да се произведуваат и денес, не само во САД, туку и во останатите индустријализирани држави.
Во средината на 50-тите години на минатито век, атомската енергија почнала да се користи за домашна употреба, па така, забрзано почнале да се градат нуклеарни централи. Но, овој тренд не потрајал долго, главно заради слабата информираност на јавноста и недовербата на граѓаните во целите за кои се користела атомската енергија.
Студената војна и стравот од нуклеарно бомбардирање, не придонеле за подобрување на ситуацијата. Несреќата во нуклеарната централа на островот Три Милји, во 1979 година, засекогаш ја запечати судбината на атомската енергија во САД.
Во следните 30 години не била одобрена изградба на ниту еден нов нуклеарен реактор. Оваа неофицијална забрана завршила во 2012 година, кога биле одобрени четири нови реактори, од кои изградбата на два е веќе прекината.
Денес, околу 20 проценти од струјата во САД е произведена од 99те активни нуклеарни реактори. Повеќето од овие реактори се во функција повеќе од 37 години, додека околу десет се активни помалку од 30 години.
Состојбата во остатокот од светот е слична со таа во САД, со еден исклучок.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), во светот постојат 451 активни нуклеарни реактори. Ова можеби звучи како импресивна бројка, посебно ако сметаме дека земјите како Франција и Украина користат енергија главно произведена во нуклеарни централи.
Но, Франција и многу други индустријализирани држави го следат примерот на САД и ја намалуваат употребата на атомска енергија, па така оваа бројка е само капка во морето составено од централи за алтернативна енергија.
Во светот постојат 63.000 централи кои произведуваат енергија на друг начин, на пример преку јаглен, природен гас и други алтернативни горива.
Ситуацијата е поразлична во Азија.
Според Светската асоцијација за атомска енергија (ВНА), организација која го поддржува и промовира користењето на атомската енергија, во светот се планира изградба на 485 нови реактори, од кои 179 ќе бидат изградени во Кина. Во Кина моментно има 58 реактори кои веќе се или наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Овие бројки покажуваат дека речиси 40 проценти од идните нуклеарни централи ќе се наоѓаат во Кина.
Во Јапонија, и покрај несреќата што се случи во Фукушима пред речиси 10 години, се планира повторно активирање на пет и изградба на 12 нови реактори.
Страв од неуспех
Кога станува збор за нуклеарните реактори, важно е да се открие зошто атомската енергија се уште претставува загатка, иако има многу причини зошто треба да биде еден од најпопуларните извори на обновлива енергија.
Атомската енергија е чист извор на енергија, кој не создава отпад и штетни гасови и чии централи зафаќаат многу помалку површина во споредба со централите на останатите обновливи извори на енергија.
Секако, сите алтернативни извори на енергија имаат некој недостаток. На пример, хидроцентралите кои можат да произведат големи количества енергија, се штетни за околината бидејќи со изградба на браните, се поплавува голема површина земја.
Дури и обновливите извори на енергија, како што се ветерот и сончевата енергија, си имаат свои недостатоци.
Добро познато е дека собирањето и складирањето на сончевате енергија е многу скапо. И, иако можеби е исплатливо на мали нивоа, со собирање преку сончеви панели, за поставување на поголеми колектори е потребен и поголем простор.
Од друга страна, силата на ветерот се искористува за придвижување на огромни ветерни турбини кои потоа произведуваат енергија. Изградбата на овие турбини го нарушува локалниот екосистем.
Но, производството на атомска енергија сепак предизвикува многу повеќе страв и недоверба од било кој друг извор.
Најверојатно, ова е така бидејќи атомската енергија била развиена како воена неопходност. Сликите од бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби, првиот и единствен пат кога вакво оружје било искористено за време на една војна, е засекогаш врежано во историјата.
Сериите и филмовите играат голема улога во зголемување на недовербата во предностите на атомската енергија со тоа што создаваат апокалиптични слики дека земјата би се претворила во радиоактивни пустелија во случај на некоја несреќа.
Но, и покрај генерално позитивната репутација на нуклеарните реактори при нивната зголемена употреба во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, неколкуте несреќи што се случија потоа, се прочуја далеку, па затоа е тешко да се најдат луѓе кои ќе се залагаат за почнување на нови проекти.
Кога се случи несреќата во нуклеарната централа на островот Три Милји во Пенсилванија во 1979, нуклеарната индустрија веќе беше во опаѓање.
Седум години подоцна, катастрофата во Чернобил му покажа на светот што може да се случи ако се стопи јадрото на еден реактор.
Во 2011 година, земјотресот во регионот Тохоку предизвика цунами поради кое системите за ладење во нуклеарната централа во Фукушима престанаа да работат. Тоа резултираше три од четирите реактори во оваа нуклеарна централа да се стопат и да предизвикаат огромна катастрофа.
Покрај овие катастрофи, во меѓувреме порасна и непријателството помеѓу одредени земји во светот. Се почести се насловите во весниците (без разлика дали се вистинити или не), дека овие држави се обидуваат да се вооружат со нуклеарно оружје.
Тајните мотиви на нуклеарните програми на земјите како Иран (каде атомската енергија наводно се користи за домашна употреба) и Северна Кореја (каде оваа енергија дефинитивно се користи за воени цели) предизвикаа страв кај светското население.