Археолозите откриле напиток за кој се вели дека ветува вечен живот, сокриен во 2 000 години стар бронзен сад во античка гробница во провинцијата Хенан, Централна Кина, пренесува РТ.
Околу 3,5 литри „еликсир на бесмртноста” биле пронајдени во гробница во градот Луојанг за време на ископувањата во октомври минатата година. Првично се мислело дека течноста е алкохолен пијалак бидејќи мирисала како алкохол.
Сепак, неделава беше објавено дека лабораториските тестирања откриле оти мистериозната течност главно се состои од калиум нитрат и алунит, главните состојки за еликсирот на бесмртноста запишан во антички таоистички текст.
Според „Сјинхуа“, еликсирот бил пронајден во гробница на благородничко семејство од династијата Западен Хан, која владеела од 202 година п.н.е. до 8 година. Јасно е дека семејството го сметало еликсирот за многу вреден бидејќи го сметале за достоен да го земат во своето вечно почивалиште.
Напитоците што ветувале бесмртност биле вистинска опсесија низ древната кинеска историја, а најпознат пример за тоа се двете патувања на дворскиот маѓепсник Сју Фу во потрага по еликсир за време на династијата Кин, но ова е прв случај да се открие недопрен примерок од таква течност.
„Ова е првпат да се најде примерок од митскиот ‘лек за бесмртност’ во Кина. Течноста е значајна за проучувањето на древните кинески мисли за постигнување бесмртност и за еволуцијата на кинеската цивилизација”, објаснува Ши Џијажен, шеф на Институтот за културни реликвии и археологија во Луојанг.
Античката гробница се протега на повеќе од 200 квадратни метри и во неа, покрај еликсирот, биле ископани садови од жад, бронзени артефакти и насликани глинени садови.
Поврзани артикли