Израел се упатува кон Месечината, и доколку се оди според планот, летот кој треба да започне на 21 февруари ќе стане првиот приватно финансиран проект што ќе слета на Месечината, пишува Nature.

Се чини дека подвигот ќе започне нова ера на лунарно истражување – во која националните вселенски агенции работат заедно со приватните индустрии за да ја истражат Месечината и да ги експлоатираат нејзините ресурси.

Леталото, наречено Beresheet – што на хебрејски значи “на почеток“ – е изградено од страна на израелската непрофитна компанија наречена SpaceIL, која собра 100 милиони долари за својата мисија, поголемиот дел од тоа преку филантропски донации.

Beresheet ќе полета на ракетата SpaceX Falcon 9 од Кејп Канаверал, Флорида, и во април треба да стигне до Маре Серенитатис, рамнина на северната хемисфера на Месечината.

Мисијата не е целосно приватна, бидејќи вклучува и владини партнери. И покрај тоа што мисијата на леталото е едноставна, и се очекува таа да трае само два дена на површината – мисијата има симболично значење. Тоа ќе биде прва мисија на Израел на Месечината, како и првото приватно летало кое ќе направи “меко слетување“ на површината на Месечината – што досега беше направено само од страна на елитниот клуб на националните вселенски агенции на САД, Кина и Русија.