Основачот и директор на компанијата Facebook, Марк Цукерберг повеќе не е единствениот што може да ги брише пораките испратени преку социјалната мрежа, бидејќи Facebook Messenger наскоро ја воведува оваа опција за сите корисници.
Facebook соопшти дека корисниците на Messenger кои ги користат апликациите на уредите со оперативните системи iOS и Android ќе добијат можност за повлекување на испратените пораки, откако ќе ја преземат најновата верзија на споменатата апликација.
За корисникот да ја искористи новата опција, доволен е еден допир на пораката во конверзацијата и избор на опцијата remove (отстрани). Потоа ќе следува прашањето дали сакате да ја отсраните пораката за сите учесници во разговорот или само за себе.
Меѓутоа, постои финта, бидејќи можноста за повлекување на пораката трае само 10 минути откако сте ја испратиле. Кога ова време ќе истече, опцијата повеќе не е достапна.
Facebook работи на опцијата на повлекување пораки уште од април минатаата година, кога одреден број на стари пораки на Цукерберг мистериозно исчезнаа од инбокс на негов примател. Тогаш Facebook соопшти дека пораките се отстранети поради правилото за задржување на пораки, имплементирано во 2014. година.
Компанијата се извини, бидејќи оваа опција им ја овозможила само на своите официјални лица и вети дека ќе ја добијат сите корисници на Messenger пред да бидат избришани пораките на останатите раководни лица. Facebook конечно го исполни тоа ветување.