Кога Џералд Котен, еден од основачите и сопственици на најголемата канадска менувачница за криптовалути QuadrigaCX, почина во декември неговото заминување корисниците го почувствуваа во својот џеб.

Котен, како што изгледа, никому не му остави никакви кодови за пристап, што значи дека, како што пишува „Гардијан”, околу 190 милиони долари, колку што имаше во паричникот во неговиот лаптоп, би можеле да бидат изгубени засекогаш. Познато е дека поголемите суми пари се чуваат во виртуелни банкноти, наместо во менувачници, бидејќи нападите на хакерите се чести.

Џенифер Робертсон, вдовицата на починатиот сопственик, рече дека менувачницата им должи на своите корисници околу 190 милиони долари вистински пари.

Котен (30) почина во декември во Индија од компликации предизвикани од Кронова болест. Во Индија, како што најавија од компанијата, отворал сиропиталиште.

Неговата вдовица, која тврди дека немала никаква врска со работата на покојниот сопруг, кажа дека добивала закани. Таа рече дека има пристап до неговиот лаптоп, но не можеше да го покрене.

„Лаптопот од кој Џери ја водеше работата е под шифра и не ја знам. Ја барав многу пати, но никаде не ја најдов напишана“, рече таа.

Таа ангажирала професионалци за да „провалат” во компјутерот на нејзиниот сопруг, но ни тие немаа среќа досега.