FBI обвини Кинез дека украл трговски тајни додека работел за компанијата Apple.

Бирото тврди дека инженерот Џиџонг Чен се обидел да украде клучни детали од тајниот проект на Apple за беспилотен автомобил. Чен беше уапсен и обвинет минатата недела, непосредно пред да одлета во Кина, се вели во кривичната пријава поднесена во американскиот окружен суд во Калифорнија.

Од Apple изјавија дека доколку доверливите информации излезеле во јавност, тоа ќе нанело огромна штета на компанијата.

Ова е вторпат во шест месеци кинески државјанин да биде обвинет за крадење тајни од проектот на Apple, чие постоење компанијата одбива да го потврди јавно.

Чен поттикнал сомнеж кога колега го забележал како прави фотографии од проектот, се вели во  пријавата. Apple покрена истрага, по што беа пронајдени над 2000 фајлови на компјутерот на Чен кои содржеле доверливи информации.

Случајот доаѓа во период кога САД и Кина се борат за контрола врз технологиите на иднината. Изминатата недела САД исто така поднесоа обвиненија против кинеската компанија Huawei, обвинувајќи ја за крадење трговски тајни.

ФБИ соопшти и дека Чен признал дека направил копија од податоците од својот службен копмјутер на личен хард диск, што е спротивно на политиката на компанијата.