Компанијата Boeing, чија примарна дејност е производството на авиони, објави дека нивниот прототип за летечки автомобил е во фаза каде може самостојно да лебди во воздухот.

Ова возило/летало е всушност комбинација од хеликоптер, дрон и авион, а Boeing со него планира да го револуционеризира патувањето.

Boeing се натпреварува со најголемиот ривал Airbus, како и со уште неколку помали компании, во обидот да претстави функционални, автономни летачки возила кои ќе пренесуваат патници на кратки и подолги релации.

Инвестирањето на Boeing во автономни летала во иднина ќе придонесе кон решавање на проблемот со сообраќајниот метеж на улиците, како и на модернизирање на начинот на кој луѓето ќе се движат низ градовите. Леталото на Boeing е долго 9 метри и е направено како дел хеликоптер, дел дрон и дел фиксирано авионско крило.

За време на тестирањето, „летечкиот автомобил“ на Boeing полета во воздух, левитираше неколку минути и потоа успеа самостојно да се приземји. Во воздухот беше само краток период од 2-3 минути, но луѓето од Boeing го прогласија тестот за успешен.

„Вака изгледа револуцијата, и ова е овозможено од напредокот на автономијата“, изјави Џон Ленгфорд, претседател на Aurora Flight Sciences, фирма-ќерка на Boeing.

Од Boeing работат на две посебни летечки возила со домет од 80 километри автономија, кои ќе бидат во можност да пренесат два или четири патници одеднаш. Тестовите се закажани за крајот на оваа година, а ќе бидат тестирани и дали можат да издржат 226 килограми, поради потребите за транспорт на две возрасни лица плус багаж.