Рускиот производител на тактичка опрема „Централен научно-истражувачки институт за прецизно машинство“ неодамна го покажа својот најнов производ – борбен комбинезон што целосно штити од експлозија и пламен.

Рускиот војник од иднината ќе изгледа како да излегол од „Star Wars“.

На презентацијата, каскадерката Викторија Колесникова облечена во комбинезонот прошета низ симулирано бојно поле на кое експлодираа мини и се ширеше пламен.

И покрај тоа, Викторија помина без повреди, а единствена „последица“ беа остатоците од чад и саѓи на нејзиното лице.

По презентацијата, таа за новинарите изјави дека чувството кога била внатре во огнената стихија било неверојатно.

Сергеј Титов, задолжен за развојната програма на Институтот, вели дека каскадерката ги покажала можностите на напредната арамидна ткаенина што е така дизајнирана да може да издржи кинетички удари и топлината на огнот.

На ова ниво од развојот, материјалот и дизајнот на оделото може да издржат куршуми и шрапнели, но уште се работи на подобрување на отпорноста на пламен, за да може да издржи 30 наместо досегашните 15 секунди непрекината изложеност на оган.

Од Институтот велат дека се надеваат дека до 2020 година ќе имаат конечен производ што ќе може официјално да стане дел од програмата за модернизација на руската војска „Воин“.

Извор: B92.net