Научниците откриле дека древните жители на Велигденскиот Остров точно ги бирале локациите на кои ги граделе познатите џиновски и мистериозни камени статуи.

Стотици големи статуи, познати под називот Моаи, високи до 12 метри и тешки 75 тони, предизвикуваат восхит кај посетителите на Велигденскиот Остров веќе со генерации наназад.

Нивното потекло не е целосно разјаснето, а научниците веќе долго време се прашуваат кој е клучот во изборот на локациите за спомениците, распоредени на различни места низ островот.

Нова студија објавена во списанието PLOS One тврди дека локациите се бирани по близината на извори на свежа вода.

Се верува дека тие биле направени од древните Полинезијци, повеќето меѓу 1250 и 1500 година.

„Кога почнавме да ги испитуваме хидролошките податоци, забележавме дека изворите на свежа вода и локацијата на статуите се тесно поврзани“, вели водечкиот автор на студијата, Карл Липо, антрополог од њујоршкиот универзитет Бингхемтон.

Ова се однесува не само за Моаите лоцирани долж брегот, туку и за оние во внатрешноста на островот.

Каде нема статуи, нема ниту вода за пиење, вели Липо. Вкупно 887 монолитни камени кипови се инвентирани на островот и во музејските збирки. Иако често се нарекуваат „Главите на Велигденскиот Остров“, киповите всушност се со потполно торзо и клечат на колена, а рацете им се положени на стомакот.

Велигденскиот Остров е Полинезиски остров во југоисточниот дел на Тихииот Океан на најјугоисточната точка на Полинезискиот Триаголник.