Apple побара од своите партнери на крајот од минатата година да го намалат производството на паметни телефони за 10 отсто од планираниот обем во првиот квартал од 2019 година, сопшти Nikei, повикувајќи се на информирани извори.

По втор пат во изминатите два месеци, Apple ги прилагоди своите производни планови за новите модели на iPhone, потсетуваат аналитичарите на изданието. На 2 јануари, американската компанија ги предупреди инвеститорите дека нејзината заработка за четвртиот квартал од 2018 година ќе биде помала од очекуваната, а наместо планираните 89-93 милијарди долари, таа ќе изнесува 84 милијарди долари.

По влошувањето на прогнозата за кварталот за првпат по 16 години, Apple испровоцира продажба на нејзините акции на берзите ширум светот. Според „Си-Ен-Би-Си“, во позадина на негативните вести, акциите на компанијата паднаа за речиси 10 отсто, што претставува најголем пад од 2013 година.

Пазарните набљудувачи коментираат дека Apple страда од високото ниво на заситеност на пазарот за паметни телефони, како и од последиците на трговската војна меѓу САД и Кина. Според некои извори, компанијата го намалила обемот на производството на сите нови модели на iPhone – Xs Max, Xs и Xr, но со различни стапки.

Намалување на производството има и кај постарите верзии на iPhone, како резултат на што во периодот јануари-март 2019 година на пазарот ќе излезат околу 40-43 милиони уреди од сите модели на iPhone, наместо планираните порано 47-48 милиони единици. Тоа значи над 20 отсто пад во споредба со истиот период минатата година, кога Apple пушти 52,2 милиони iPhone уреди.

Шефот на Apple, Тим Кук ја објасни корекцијата во прогнозата за приходите со поголемо од очекуваното забавување на темпото на економијата, особено во Кина. Покрај тоа, Кук ја посочи и трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг. Проблемите на Apple, исто така, негативно влијаат врз партнерите на компанијата во снабдувачките синџири.